Пролет стартуваше победнички, го надигра Голден Арт

Екипата на Пролет со победа ја започна новата сезона во Суперлигата, откако во првото коло од групата Б го совлада составот на Голден Арт, со резултат 27:23 (14:13). Повратникот во македонската елита издржа едно полувреме, а во вторите 30 минути, избраниците на Алексо Лембанов имаа целосна контрола на резултатот.

Пролет со голот на Џонов го отвори натпреварот за водство од 1:0, но составот на Голден Арт со два гола во низа, кои беа дело на Гошевски и Шилегов, дојдe до водство од 2:1. Следуваше период, во кој се играше гол за гол, па така по осум минути игра резултатот беше нерешен, 5:5.

Избраниците на Лембанов при водство од 6:5 имаа неколку шанси за да дојдат до плус два гола разлика, но не успеаја да ги искористат. Составот на Голден Арт преку Милошески го израмни резултатот на 6:6 најавувајќи голема борба. Двете екипи се менуваа во водство и ниту една од нив во првите дваесетина минути не можеше да се одлепи на поголема предност од еден гол.

При водство на Голден Арт од 11:10, ракометарите на Пролет со серија од 3:0 за првпат поведоа со плус два гола разлика, 13:11. Пролет во последните минути од првиот дел имаше поголема концентрација на теренот, го имаше и расположениот Петковски на голот и на пауза замина со минимално водство од 14:13.

Првиот гол во второто полувреме го постигна екипата на Пролет по четири минути игра за задржување на водството од два гола разлика, 15:13. Слично како и на почетокот на првото полувреме, двете екипи влегоа во брз ритам на игра и постигнаа неколку погодоци во серија.

Пролет искористи дел од грешките на домаќинот и со голот на Јагуриновски за првпат во 40 минута имаше плус три позитива, 20:17. Водството на Пролет од три гола предност беше сосема доволно за психолошка предност во клучните моменти на натпреварот.

Пролет во 45 минута зголеми на четири гола предност, 22:18, но сѐ уште траеше неизвесноста, бидејќи домашниот состав со два гола во низа намали на 22:20 во 50 минута. Сепак, во последните десет минути Пролет успеа да воспостави резултатска контрола за победничка старт во новата сезона во македонскиот шампионат.

Најефикасни во победничката екипа беа Томислав Јагуриновски со шест и Мартин Димов, како и Давор Палевски, кои постигнаа по пет погодоци. Во поразениот табор се истакнаа Ивица Илиев и Мице Шилегов со шест гола.