Продолжува проклетството: Вардар во друштво на Сантандер, Портланд Сан Антонио, Сиудад Реал, Хамбург…

Откако се игра најелитното европско натпреварување Лигата на шампионите под капата на ЕХФ од сезоната 93-94 многу од шампионите или доживеале банкрот и воопшто не постојат или функционираат со мал буџет.

Таков беше случајот со шпанскиот тим ТЕКА Сантандер, првиот европски првак во ЛШ откако се игра во ваков формат во 1994 година. По неколку години европско владеење, овој тим се распадна во 2008 година.

Слична беше судбината на Портланд Сан Антонио, кој освои титула во 2001 година, а престана да постои десетина години подоцна. Таков беше случајот и со Сидудад Реал, кој има три трофеи, а по банкротот, сега игра во второто по ранг натпреварување во Шпанија.

Германскиот Хамбург, кој ја освои титулата во 2013 година, по банкротот беше исфрлен во Третата лига, а сега е лидер во второто по ранг натпреварување, и на добар пат да се врати во елитното германско друштво.

Бидасоа и Целје, кои беа европски шампиони во 1995 и во 2004 година, со години се во вториот или третиот ешалон, а се чини по тој пат тргна и Вардар, кој во во витрините има две титули од ЛШ.

Македонскиот шампион со сигурност ќе постои и нема да доживее комплетен колапс, но сигурно ќе му треба долго време за да се врати на патеките по кој чекореше низ Европа.