Проблеми во женските квалификации за ОИ, една група остана со три учеснички

Женскиот турнир од квалификациите за Олимписките игри во Токио кој треба да се одигра во Црна Гора од 19 до 21 март остана без еден од учесниците, па Црна Гора, Норвешка и Романија сега се во исчекување на ИХФ кој ќе биде тимот со кој ќе се најдат во групата.

Казахтан кој како претставник на Азија беше дел од оваа група е префрлен во Групата 2 на местото на Кина и сега не е познато дали на нивното место во Групата 3 ќе дојде Хонг Конг, Тајланд или можеби во комбинација ќе влезе репрезентација од Европа.

Со оглед на тоа што има помалку од месец сега е тешко да се најде адекватна замена односно прашање е која селекција од Азија би можела да одговори и да допатува во Европа и да биде дел од овие квалификации. Неизвесноста останува, но ИХФ ќе мора брзо до одлука.

Останува да се види секако и дали може да дојде во комбинација репрезентација од Европа, а тука се Германија и Данска двете селекции кои останаа без пласман во квалификациите. И двете беа веднаш зад најдобрите и од Мундијалот и од Европското првенство, но различна им е позицијата.

Германките беа подобро пласирани на Светското првенство во 2019 година кое беше и влезница за квалификациите, додека Данска е на повисоко место на Европското првенство во 2018 година. Оттаму овие две земји би можеле да бидат солуција за место во Групата 3 и пополнување на составот каде што се Црна Гора, Норвешка и Романија.

Ова е групата со проблем засега, а постои опција останат три земји учеснички. Од друга страна јасно е дека во Групата 1 се игра во Шпанија, а покрај домаќинот се и Шведска, Аргентина и Сенегал. Унгарија е домаќин на Групата 2, а таму сега се Русија, Србија и Казахстан.