Прилеп во финишот го „скрши“ Скопје и гo испрати во барабанот за испаѓање

Прилеп направи голем чекор кон останување во Супер лигата и следната сезона победувајќи го Скопје со 19-18 (10-10), a ги испрати скопјани во барабанот од три екипи кои „стрепат“ за опстанокот. До крајот на првенството остануваат уште пет кола, Прилеп е трет на табелата во плејаутот со 20 бода, исто колку и Куманово кој е втор. На дното е Скопје со 12 бода, еден помалку од Вардар Неготино и еден повеќе од Јуниор Кисела Вода.
Овие три екипи, Јуниор Кисела Вода, Скопје и Вардар Неготино ќе се борат за ибегнување на местото што носи директно испаѓање, и плус уште едно место кое води во бараж за опстанок. Уште отсега „испаднат“ е Радовип кој е последен со 2 бода.
Во Прилеп беше крајно неизвесно до последните минути. Домашните водеа со 18-17 кога Иван Ангелески одбрани една топка, по што во следниот напад Реваз Чантурија од пенал зголеми на 19-17. До крај на средбата Иван Ангелески имаше уште две успешни одбрани со кои му донесе на тимот триумф. Во последните секунди Чакалиќ погоди за 19-18, но домашните веќе почнаа да слават.
На мечот во најголем дел се играше „гол за гол“, а домаќините имаа предност. На моменти Скопје само ја преземаше лидерката улога. Последен пат на почетокот на второто полувреме кога поведоа со 13-11. Потоа Прилеп прво израмни, па поведуваше, а Скопје израмнуваше. И така се до последните пет минути кога Мариани Гавашелишвил донесе водство од 18-17.
Гостите од Скопје допатуваа со 13 играчи поради повреди на неколкумина ракометари. Кај домаќините Реваз Чантурија постигна 6 гола, од што три од пенал. Христи Бикоски даде 4 гола. Во тимот на Скопје Дамјан Јакимовски даде 5 гола исто колку и Леонид Киселовски.
Во следното коло Прилеп гостува кај Струга, а Скопје е домаќин на Вардар Неготино.