Прилепчани се подготуваат за Суперлига: Да се ослободиме од минатото и да создадеме нешто ново

Следната сезона во Суперлигата, ќе играат 16 екипи, меѓу кои ќе бидат и шест што беа дел од Првата лига во сезоната која заврши.

Тоа се КЛ7, Астраион, Прилеп, Тиквеш, Јуниор Кисела Вода и Младост Богданци. Прилепчани малку беа изненадени од одлуката на РФМ, но шансата е тука и треба да се искористи.

„Одлуката на РФМ малку нè изненади, но тоа е во ред и наредната сезона ќе имаме шест прволигаши во Суперлигата. Се надевам на интересен шампионат, шансата ја добија клубовите од Прва лига и сега останува се во нивни раце. Прилеп има добра основа, но секако има простор за надоградување, финансиската конструкција е добро поставена, а приоритет е инфраструктурата која е битен предуслов за стабилен клуб“, вели тренерот на тимот Адријано Котевски.

Ростерот што играше во Првата лига, би требало да биде истиот и за Суперлига, но ќе бидат ангажирани и засилувања.

„Екипата што се натпреваруваше во Првата лига останува иста, а извршена е добра анализа каде ни фалат играчи, па ќе бараме соодветни засилувања за да имаме за секое место во тимот добра конкуренција. Тоа ќе бидат играчи што ќе растат заедно со клубот“, продолжува Котевски.

Одамна беа времињата кога најсилните екипи од Македонија го положуваа оружјето пред тогаш силниот Тутунски Комбинат Бренд.

„Прилеп секогаш имал добар ракомет, но треба да се ослободиме од минатото и тоа треба да биде само основа за иднината, а целата енергија да се насочи кон создавање на нешто ново, а не борба со минатото. Сениорската екипа треба да биде на завидно ниво, но тоа е само една коцка од мозаикот. Прилеп секогаш имал добри школи, но секогаш имало проблем со преминот на тие деца во сениорскиот ракомет, така изгубивме многу генерации. Финансиски клубот имаше турболентен период зад себе, беше доведен опстанокот на клубот во прашање и тоа се рефлектираше на многу деца што заминаа по други клубови. Грешката е  направена, нема назад, но поучени од тоа се направи добра финансиска конструкција, ги рестартиравме сите школи и имаме план како ракометот да го доближиме до секое дете. Правиме напори и условите за тренинг да бидат на високо ниво, а за остварување на сите амбиции, треба помош не само од Општината, туку и од приватниот сектор. Ова е долг процес и се надевам дека во иднина Прилеп ќе има ракомет за респект и добра репрезентативна база“, заврши Котевски.