Преспа лесно против десеткуваниот Шампион за прва победа сезонава

Екипата на Преспа го запиша првиот триумф сезонава во Првата лига откако на свој терен успеа да го совлада десеткуваниот состав на Шампион од Скопје со резултат 21:15 во натпревар од 12. коло во Групата А.

Уште од почетокот беше сосема јасно дека гостите од Скопје со само една постава ќе имаат многу тешка задача за надигрување во овој дуел. Избраниците на Слободан Чивлачки издржаа дваесетина минути и во еден момент во првата половина од првиот дел имаа водство од 3:2. Во преостанатиот дел, екипата на Преспа беше подобар противник, иако, нејзините ракометари не играа во најдобро светло и во целост не ги искористуваа сите грешки на противникот. Домаќините на полувреме заминаа со предност од плус четири, 11:7.

Шампион во второто полувреме поради заморот во своите редови едноставно не можеше да направи ништо повеќе и полека влегуваше во негатива од пет до шест гола разлика. Со погодоците на Ќосевски, Божиновски, Тунтевски и Мишевски, ракометарите на Преспа на осум минути пред самиот крај имаа сигурна предност од 17:12. Завршниот дел беше само формалност во кој домаќините не попуштија и одиграа максимално концентрирано за да ја забележат првата победа во оваа сезна.

Најефикасни во победничката екипа беа Андреј Божиновски и Раде Ќосевски со по пет погодоци. Во екипата на Шампион најефикасен беше Александар Велјановски, кој исто така постигна пет погодоци.