Пресврт – Владата сепак не дозволува публика на спортските натпревари!

Иако два дена веќе се зборува за олабавување на рестриктивните мерки, а Министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека и на спортските натпревари ќе може да има публика, сепак нема да биде така.

Барем не во следната недела, односно најмалку до 18 мај.

Владата на денешната седница го прифати тој предлог за одлуката да се одржуваат културни, научни и забавни настани согласно протоколите, но иако беше најавено, спортските натпревари нема да спаѓаат во таа категорија настани.

„Како дел од овие мерки е и одлуката дека сите настани и други слични јавни активности (културни, научни и забавни) може да продолжат да се одржуваат согласно наменските протоколи до 30 % исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50% исполнетост на отворените простори. Спортските настани и понатаму се организираат без физичко на присуство на публика“, се вели во извештајот од денешната седница на Владата.

Иако јавноста се понадева дека завршните битки за титулите во спортовите во сала ќе може да ги следи во живо, сепак веројатно нема да го има тоа задоволство, најмалку до 18 мај. Останува надежта дека ќе биде дозволено од 19 мај публиката се врати на трибините, па дербито во Битола меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар, да се игра пред навивачи.