Прв триумф на Охрид сезонава за радост на домашната публика

Тренерот Горан Андоновски пред домашна публика во Охрид ја забележа првата победа во првенството најавувајќи дека „рибарите“ годинава ќе имаат забележителна улога. По несреќниот пораз во првото коло кај Бутел во последните минути, сега Охрид го победи Прилеп со 33-26 (16-10) во второто коло од А групата на машката Супер лига.

Добрата игра во првото полувреме и двете серии со кои Охрид успеа да направи резултатска предност беа клучни за победата на домашните ракометари. Прилеп останува на дното на табелата во својата група, а за Охрид ова се првите три бода во новата сезона.

Домашните ракометари тргнаа силно уште од самиот почеток. Во тој налет гостите од Прилеп се држеа само до резултат 3-2 по што Охрид се одлепи на 6-2. Изгледаше дека лесно ќе им биде на домашните, но прилепчани имаа серија од 3-0 со која намалија на 6-5. И толку од неизвесноста.

Охрид продолжи во исто темпо и зголеми на 9-5. Следниот период во која домашните имаа добра серија и од 11-7 „скокнаа“ на 15-7. Тоа беше период во кој побендикот полека ѕиркаше низ вратата. Но, требаше и другиот период од мечот да се одигра. На полувреме Резултатот беше 16-10 за Охрид.

Ако охриѓани мислеа дека лесно ќе се справат со прилепчани, така не беше на терен. Напротив Прилеп се бореше и тоа му донесе и можност да дојде на четири гола (23-19) и можност да дојде и на три гола. Но, искусните домаќини не дозволија пресврт, па ја одржуваа предност од 5-6 гола. Во 54 минута преку Казеин Рустамов Охрид повторно дојде до „плус 7“ за водство од 29-22. Тоа беше гол со кој Охрид направи голем чекор кон победата.

Но, мало опуштање и Прилеп повторно се врати. Со трите гола по ред гостите намалија на 29-25 во 56 минута. Халил Озтур со гол н аспротивната страна не дозволи да има драма, а потоа и Никола Грубиќ зголеми на 31-25. На 150 секунди до крај дилемите веќе беа решени, и бодовите остануваа во Охрид. Серијата на Охрид продолжи, па со 33-26 заврши средбата.

Најпрецизни кај домашните беа Никола Грубиќ со 7 гола, Казеин Рустамов постигна 6, а Халил Отурк, Владимир Бојаниќ и Тоше Ончев, дадоа по четири гола. Кај гостите по шест голови постигнаа: Давор Шокоски, Христи Бикоски и Мираиани Гавшепишвили.

Во следното коло Прилеп е домаќин на Вардар, а Охрид оди на мегдан кај Алкалоид.