Прволигашите на протест – Имаме поддршка од играчите, немаме друго решение!

Наместо натпревари на терен, ракометните прволигаши заедно со кошаркарските второлигаши закажаа протест пред Владата, поради процедурата за добивање ваучери кои како што велат, им ги вети државата, но не ги реализира. Повеќето од клубовите не се во можност да ги обезбедат неопходните финансиски средства без ваучерите за даночно ослободување на спонзорите што ќе вложуваат во спортот и доведена е во прашање и нивната егзистенција.

Ракометната федерација на Македонија ги презеде обврските за подмирување на трошоците за официјалните лица за натпреварите во Првата лига со цел да се ублажи проблемот додека клубовите не го добијат ваучерите од АМС. Но, за прволигашките клубови и понатаму остана нерешен главниот финансиски дел поради пробблемот со ваучерите и нивниот следен потег беше прекин на натпреварите и закажан протест пред Владата за 3 ноември.

„Нема одговор од надлежните, никој не не контактира. Претходно имавме некои состаноци со директотот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, но сега последниов месец нема никаков абер. Бараме да се реши ситуацијата и да ни се дадат ваучери. Не сакам ниеден спорт да потценам, но ако ја видите листата на кого се се доделени ваучери има таму многу спортови  кои не се успешни како што се ракометот и кошарката, а за нас нема. Од која причина сме тргнати не ни е јасно. Од февруари сме во некои преговори, имавме 5-6 состаноци и ветувања од Каевски, но нема ништо. Од страна доаѓаат различни информации за некаква политичка позадина, но официјално ние немаме ништо, никој не дошол да не исконтактира“, истакнува Дарко Петровски од РК Аеродром.

На прашањето дали и колку ваквата одлука на клубовите ќе се одрази негативно на играчите кои наместо да се натпреваруваат сега треба да протестираат, одговорот е дека клубовите продолжуваат со редовни тренинзи и со пријателски натпревари, дека се исцрпени сите можности и засега нема друго решение за проблемот.

„Засега имаме поддршка од играчите и од сите родители, зборувам генерално бидејќи имаме заедничка група и комуникација и со другите клубови. Бараме решение до крајот на овој месец, се надеваме дека ќе има некаква разврска. Во меѓувреме, ние редовно тренираме во сите категории, играме пријателски натпревари со истите клубови со кои што играме во првенството, само што тие се неофицијални. Тоа е за кадетските и пионерските категории. Со младинците и прволигашите е друга работа. И таму тренираме редовно, тука нема застој, играме и пријателски натпревари. Ние конкретно, играме со скопските екипи, игравме со Јуниор и со Бутел, имаме закажан натпревар со КЛ7…Тоа е тоа, во ваква ситуација немаме друг избор“, вели Петровски.

Протестот на ракометните прволигаши и на кошаркарските второлигаши е закажан за 3 ноември пред Владата, под мотото „Политиката надвор од спортот“.