По новата тура заразени ракометари – Хорват го врати Гојун, повика и двајца дебитанти

Селекторот на репрезентацијата на Хрватска, Хрвоје Хорват, реши да повика тројца нови играчи во Сегедин.

Нови лица меѓу „коцкестите“ ќе бидат двајцата ракометари од Нексе, Томислав Северец и Доминик Кузмановиќ. Дополнително повикан бил искусниот ракометар од Загреб, Јаков Гојун, кој во 2018 година реши да се повлече од националниот тим.

Сепак, ситуацијата со коронавирус, која се менува од минута во минута, била причина Хорват да го врати Гојун во редовите на хрватската репрезентација. Пикерот од Загреб важи за еден од најдобрите играчи во одбрана.

Томислав Северец игра на позицијата лев бек, додека неговиот клупски соиграч, Доминик Кузмановиќ настапува на голманската позиција. Тие ќе бидат замени за заразените Матеј Мандиќ и Звонимир Срна.

Хрватска в понеделник го игра последниот натпревар од групната фаза на ЕП. Противник на Хрватите ќе биде селекцијата на Украина. Во рамките од Групата Ц, сигурен патник во главната фаза е Франција. За второто место се борат селекциите на Хрватска и Србија.