По Митревски, Порто задржа уште еден голман

Португалскиот шампион Порто продолжува да го комплетира тимот за следната сезона. Раководството на клубот реши со дел од најдобрите ракометари да ги продолжи договорите.

Пред извесен период, договорот со Порто го продолжи голманот на македонската репрезентација, Никола Митревски, кој во клубот ќе остане уште две сезони, а денес договорот беше продолжен и со младиот голман, Диого Рема.

18-годишниот голман го продолжи договорот со Порто на уште пет сезони и во португалскиот клуб ќе настапува до лето, 2027 година. Освен Митревски и Рема, на голманската позиција во Порто настапува и искусниот голман од Данска, Себастијан Франдсен. Данецот со Порто има актуелен договор на уште една сезона.

Порто за следната сезона ги ангажираше ракометарите кои играат на десната бековска позиција, Јакоб Микелсен од француски Истр и Џек Турин од шведски Сковде. Во клубот ќе пристигне и левиот бек Николај Кристенсен од Алборг и кружниот напаѓач Игнасио Плаза од АЕК Атина.