Почнаа битките за ЕП во Македонија

Во текот на вчерашниот ден почнаа квалификациските натпревари за настап на Европското првенство 2022 година кое ќе се одржи во Македонија, Црна Гора и Словенија.

11 репрезентации ќе се натпреваруваат во првата фаза. Во две групи ќе има четири учесници, а во последната само три.

Групата А се игра во Приштина, а покрај домаќинот Косово ќе се натпреваруваат Португалија, Луксембург и Кипар.

Групата Б ќе се игра во Верија каде селекцијата на Грција како домаќин ќе има голема предност во однос на останатите противници. Во Верија место за втората фаза ќе бараат и репрезентациите на БиХ, Италија и Летонија.

Последната група се игра во Торшавн и во нејзе се сместени репрезентациите на Фарски Острови, Израел и Финска. Само првопласираната репрезентација од секоја група ќе обезбеди влез во втората квалификациска фаза.

Во втората квалификациска фаза вкупно ќе се натпреваруваат 24 репрезентации поделени во шест групи, а секоја група ќе брои по 4 репрезентации. Само најдобрите две репрезентации обезбедуваат билет за Европското првенство 2022 година.