„Потписот за Еурофарм Пелистер е најдобрата одлука во мојата кариера“

Босанскиот репрезентативен кружен напаѓач Елмир Граџан ќе ја игра четвртата сезона во битолски Еурофарм Пелистер.

Тој во интервју за босански „Прес“ откри дека потписот со овој клуб е најдобрата одлука која ја донел во кариерата, што претходно ја градеше во Босна и Турција.

„Од 2017 година сум во Македонија, во екипата на Еурофарм Пелистер. Мислам дека клубот напредува од година во година, а тоа го покажавме со резултатите во домашното првенство, а играме во СЕХА и минатата година во ЛШ. Што се однесува до мојот статус во клубот, јас сум презадоволен и мислам дека потпишувањето за Еурофарм Пелистер е најдобрата одлука во мојата кариера“, изјави Граџан.

Тој откри дека многу бргу се прилагодил на животот во Македонија.

„Лесно се навикнав. Кога дојдов, управата на клубот, стручниот штаб и играчите секогаш беа тука за мене кога ми требаше нешто. Со текот на времето стекнав многу пријателства, го совладад јазикот, и ако може така да се каже – се чувствувам како дома“, заврши Граџан.

Пикерот доаѓа во Македонија на 24 јули, на 25 е првиот собир, додека на 27 стартуваат подготовките во Маврово.