ПОТВРДЕНО: Чакарески не е повеќе спортски директор на репрезентацијата!

Она што пред неколку дена го објави 24Ракомет, денеска доби и официјална потврда од страна на Ракометната федерација на Македонија. Милчо Чакарески не е повеќе спортски директор на сениорскиот национален тим.

„Ракометната федерација на Македонија ја известува спортската јавност дека во координација со директорот на машките репрезентации Милчо Чакарески, заеднички донесоа одлука за прекин на досегашниот ангажман. Чакарески ја извршуваше функцијата спортски директор во период од март 2016 до септември 2019, поради персонални професионални ангажмани се повлекува од функцијата во стручниот штаб на машките ракометни репрезентации. Во периодот кој следува УО на РФМ ќе постави нов вршител на функцијата“, се вели во соопштението објавено на веб-сајтот на РФМ.

Чакарески постојано беше дел од репрезентацијата, седеше на клупата меѓу официјалните лица и дојде во време кога Ивица Обрван беше селектор. Потоа се сменија и Лино Червар и Раул Гонзалес, дел од стручнио тштаб но спортскиот директор остана ист. Тој беше дел и од младинските селекции кои играа на СП во Алжир, на Б Европските првенства каде настапувавме и летово на последното кадетско СП.