Порт не игра против Вардар, неизвесни и Деска, Москариело, Дуарте…

Екипата на Монпелје се соочува со големи проблеми пред натпреварот со Алборг од второто коло и за следните средби од Лигата на шампионите против Кил и Вардар. Францускиот тим има многу повредени играчи кои се клучни за играта на тимот, пишува „Миди Либре“.

Капитенот Валентин Порт од Олимписките игри се врати со повреда, а во последната фаза од опоравувањето заработи нова, односно го скрши прстот на натпревар со резервниот тим. Оваа повреда ќе го одалечи од терените најмалку уште пет недели.

Уго Деска продолжува со рехабилитацијата после повредата на лактот и тој нема да биде во состав против Алборг. Исто така и Аргентинецот, Лукас Москариело е повреден, тој на последниот дуел во првенството го повреди скочниот зглоб и сигурно ќе го пропушти дуелот во Данска, додека за дуелите со Кил и Вардар, би можел да биде на располагање.

Жилберто Дуарте има проблем со мускулот и мора да направи преглед после кој ќе биде одлучено дали ќе се врати брзо на терените, додека после потресот на мозок Алексис Берти ќе мора да одмори уште некое време.

На Монпелје му претстои многу тежок натпевар против финалистот од минатогодишното издание на Лигата на шампионите и позитивен резултат ќе биде вистински предизвик за францускиот тим. Натпреварот се игра во среда со почеток во 18:45 часот, а во следните две кола Монпелје игра дома со Кил и на гости со Вардар.