Пораз од Хрватска за крај, Македонија заврши на 12. место на СП!

Женската кадетска репрезентација на Македонија го заврши настапот на Мундијалот во Скопје на 12 место по поразот од селекцијата на Хрватска со 32-28. По слабото прво полувреме кога губеа со десет гола, македонските ракометарки одиграа многу подобро во вториот дел, но немаа сили за комплетен камбек во натпреварот.

Во првите петнаесетина минути натпреварот беше изедначен и се играше најчесто гол за гол, пред Хрватките да поведат првпат со плус два, 8-6. Откако Ризоска намали на 8-7, следуваше „црна дупка“ во македонскиот напад.

Десетина миинути не успевавме да погодиме, а за тоа време сите технички грешки во нападот, односно погрешни додавања и промашувања, беа казнети од хрватските ракометарки за 15-7.

Коловска ја прекина серијата и погоди за 15-8, но ништо во нападот не функционираше иако селекторот Савевски се обиде со Стефаноска и Нестороска наместо сестрите Коцеви. Хрватска постигна уште неколку лесни голови за 20-10 на пауза.

Кога на стартот на второто полувреме, Хрватска поведе со 12 гола, 25-13, веројатно сите помислија дека се е готово. Сепак нашите ракометарки не се откажуваа од бркање на високата негатива.

Со серија од пет гола, Македонија намали на 25-18, а потоа уште еден налет предводен од Ризоска, Пешиќ, Дукоска…за 26-23 и повторно стана интересно на теренот во СЦ „Борис Трајковски“.

Се созедоа малку Хрватките и со серија од три гола преку Буле и Зрилиќ за 29-23 на осум минути до крајот. Беше и 30-24, но немаше многу време за уште некој налет на Македонија и комплетен камбек, па Хрватска лесно го приврши мечот. Девет гола за Македонија даде Ризоска, шест пати прецизна беше Дукоска, додека голманката Јовановска запре девет удари.