Полјаците реагираа до ЕХФ – бараат поништување на голот на Косоротов

Репрезентациите на Полска и Русија одиграа драматичен натпревар во рамките од 3. коло од групната фаза на Европското првенство. И двете репрезентации имаа шанса за триумф, но натпреварот заврши без победник, 29:29.

За поделба на бодовите главен виновник беше рускиот репрезентативец, Сергеј Косоротов, кој со шут од речиси 15 метри го постигна голот за нерешен резултат. За потсетување, на три секунди до крајот на натпреварот, Михал Дашек постигна гол со кој Полјаците поведоа со 29:28.

Според информациите на „ТВП СПОРТ“, Ракометната федерација на Полска веднаш после натпреварот испратила официјален протест до ЕХФ поради неправилно постигнатиот гол на Русија во последната секунда. Полјаците сметаат дека Косоротов направил чекор повеќе од дозволеното. Судии на овој натпревар беа сестрите Шарлот и Жули Бонавентура од Франција.

Делегацијата на Полска присутна во Братислава во текот на денешниот ден треба да испрати писмено оправдување за испратениот протест и потоа ќе го очекува главниот збор од ЕХФ. Ракометната федерација на Полска за протесната нота мораше да плати 1.000 евра.