Познат терминот за големото дерби – Вардар и Еурофарм Пелистер на мегдан в сабота!

Претстојниот викенд ќе се одигра големото дерби во суперлигашкиот плеј-оф меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер.

Натпреварот е закажан за в сабота, 27 март, во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:00 часот, а според протоколите оваа средба ќе се игра без публика.

Двете екипи стартуваа со по две победи во плеј-офот. Вардар славеше над Еурофарм Пелистер 2 и над Охрид, додека битолчани ги победија Струга и Бутел Скопје.

Стевче Алушовски и Жељко Бабиќ имаат проблеми со повреди, па нејасно е со какви состави ќе бидат двата тима в сабота, но и покрај тоа јавноста очекува интересен натпревар.

Вардар и Еурофарм Пелистер се соочија два пати во претсезоната и два пати славеа битолчани – еднаш во финалето на Струшкиот турнир и еднаш во пријателски натпревар во Скопје.