Познат патот до Келн – Вардар против Веспрем, победникот го чекаат Алборг или Кил

Eвропската ракометна федерација денес донесе одлука да запише службени победи со 10:0 за екипите кои требаше да играат против руски и белоруски тимови, па така и Вардар го обезбеди своето место во осминафиналето.

Црвено-црните ги чека уште еден натпревар во последното коло од групата во Лигата на шампионите, но без разлика како ќе заврши натпреварот со Елверум Вардар ќе остане петти на табелата. Тоа петто место на Вардар му носи осминафинална пресметка против Веспрем кој сигурно ќе заврши како четврти во групата Б.

ЕХФ веќе објави и како ќе изгледа патот на екипите до фајнл-форот во Келн. Така Вардар ако го помине Веспрем ќе оди на дуел за место во топ 4 против подобриот од пресметката за прво место во групата А, Алборг или Кил.

Натпреварите против Веспрем тимот на Дејвис го очекуваат на 30 или 31 март, додека реваншот е планиран за на 6 или 7 април.