Познато е кога вардарци и пелистерци ќе излезат на мегдан на Нексе и Мешков

Во текот на месец август ќе бидат одиграни четвртфиналните натпревари од регионалната СЕХА лига. Ждрепката посака двата македонски претставници, Вардар и Еурофарм Пелистер, на домашен терен да се борат за завршниот турнир во Задар.

Според информациите на 24Ракомет, веќе се познати датумите за натпреварите на македонските тимови, а саатниците ќе бидат дополнително одредени.

Мечот меѓу Вардар и Нексе ќе биде одигран на 23 август во СЦ „Јане Сандански“, додека два дена подоцна во „Боро Чурлевски“ ќе играат Еурофарм Пелистер и Мешков Брест.

Тоа значи дека двата македонски тима ќе ги играат натпреварите во СЕХА по настапот на Струшкиот турнир.

Дуелот меѓу Војводина и Загреб треба да се одигра на 17 август, додека допрва треба да биде потврден терминот за дуелот меѓу Татран Прешов и Веспрем. Завршниот турнир во Задар ќе се игра од 2 до 4 септември.