Познати 16 учесници на Мундијалот за младинци, допрва ќе се комплетира списокот

Со комплетирањето на натпреварите од групната фаза на Азиското младинско првенство, познати се уште четири патника на Светското младинско првенство во 2023 година.

Покрај домаќините Германија и Грција, од Азија на Мундијалот за младинци ќе играат уште Бахреин, Јапонија, Кувајт и Саудиска Арабија.

Претходно уште десет селекции од Европското младинско првенство обебезедија место на СП – Данска, Фарски Острови, Франција, Унгарија, Исланд, Португалија, Србија, Словенија, Шведска и Шпанија.

Тоа се вкупно 16 учесници, а летово ќе бидат познати уште шест учесници од Африканското првенство, четири репрезентации од Јужна и Централна Америка, како и уште две селекции од Северна Америка и Кариби.

Ако нема нови изданија на ИХФ трофеј, натпреварување под капата на Светската ракометна федерација, тогаш ИХФ ќе има за делење и две вајлд-карта, а тоа е единствен начин Македонија да се надева на место на СП со оглед на тоа што не може да обезбеди место преку ЕХФ шампионатот.

За Европа има уште две места од квалификациските турнири на кои треба да играат последните пет од ЕП – Норвешка, Црна Гора, Италија, Полска и Хрватска, како и двата победника на ЕХФ шампионатите.