Познати имињата на десет учесници во Лигата на шампионите, меѓу нив е и Вардар

Со финиширањето на сезоната во првенството на Данска и освојувањето на титулата за тимот на Алборг веќе стана јасно кои се десетте екипи што имаат загарантирано место во групната фаза од Лигата на шампионите за следната сезона.

Алборг се приклучи на деветте екипи кои претходно го потврдија своето место, а меѓу нив е и шампионот на Македонија, Вардар.

Покрај Вардар и Алборг место има и за две екипи од Бундес лигата, Флензбург и Кил. Иако Бундес лигата уште не е завршена, а не е познато ниту кој тим ќе дојде до титулата, сепак, правилата велат дека шампионот на Германија има едно место, а место има и за земјата која има најдобри резултати во Лигата на Европа во последните три години. Со оглед на тоа што екипите од Германија имаат најдобри бројки добиваат и второ место.

Другите шест екипи кои имаат место во Лигата на шампионите се: Барселона (Шпанија), ПСЖ (Франција), Пик Сегед (Унгарија), Келце (Полска), Порто (Португалија) и Загреб (Хрватска).

За останатите шест места ќе одлучува ЕХФ со давање на вајлд карти. Конкуренцијата ќе биде голема бидејќи желба има кај повеќе тимови. Меѓу тимовите кои се споменуваат се: Мешков Брест (Белорусија), Савехоф (Шведска), Динамо Букурешт (Романија), Горење (Словенија), Монпелје (Франција), Веспрем (Унгарија), Висла Плоцк (Полска), Мотор Запорожје (Украина), Елверум (Норвешка)…