Победнички старт за Македонија, Финска испратена со полна мрежа голови

Машката репрезентација на Македонија имаше победнички старт во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година.

Избраниците на Данило Брестовац славеа убедливо против репрезентацијата на Финска со 33-24, а победата беше обезбедна уште по првото полувреме, кога беше создадена солидна залиха од шест погодоци, 16-10.

Двете селекции имаа лош почеток со многу грешки, па за првиот погодок се чекаше четири минути. Финците одолеваа и одржуваа рамнотежа до 4-5 во 15. минута, а потоа нашите ракометари се чини ја направија клучната серија.

Маџовски и Лазаров четири пати погодија за 10-5 во 20. минута на мечот, иако во овие моменти водството на Македонија можеше да биде зголемено уште повеќе, бидејќи ривалот играше со три ракометари во поле.

На пауза се замина со плус шест 16-10, откако капитенот Лазаров погоди од пенал по истекот на времето, а претходно тој и Манасков промашија по еден удар од седум метри.

Маџовски го стартуваше второто полувреме со погодок за највисоки плус седум, 17-10. За моменти се заканија гостите и намалија на минус пет во два наврати, 19-14, 20-15, но Маџовски, Лазаров и Пешевски погодија три пати во серија за 23-15 во 40. минута.

Откако капитенот постигна гол од пенал за 24-16, селекторот го повлече Лазаров од игра, а во тие моменти се виде колку значи неговото присуство на теренот. Финците ги искористија неколку наши грешки во нападот и намалија на 24-19.

На теренот влезе и левиот бек Дарко Георгиевски, кој постигна два гола од далечина, а по 29-21 на десетина минути до крајот веќе немаше дилеми која репрезентација ќе го добие овој натпревар.

Завршницата беше рутинска за нашите репрезентативци за конечни 33-24. Најдобри стрелци во македонската репрезентација беа Лазаров со 11 голови и Кзумановси со шест погодоци, а голманите Митревски и Томовски искомбинираа 13 интервенции. Кај Финска се истакнаа Гранлунд со десет и Килштет со три погодоци.

Македонија 33 – 24 Финска, Квалификациска група за пласман на ЕП2022

Машката репрезентација на Македонија со победа од 33-24 (16-10) против ги започна квалификациите за Европското првенство 2022. Лазаров го предводеше нападот со 11 голови, додека Кузмановски постигна 6 погодоци за националниот тим. Македонија е во група со Финска, Данска и Швајцарија. Избраниците на Брестовац следниот натпревар го играат за три дена во Швајцарија.

Вториот натпревар од квалификациите, Македонија ќе го одигра в сабота на гости кај Швајцарија, во Шафхаузен со почеток во 18:30 часот.

МАКЕДОНИЈА – ФИНСКА 33-24 (16-10)

Скопје, СЦ „Борис Трајковски, без публика, судии: Пављуков и Ершов – Русија, делегат: Начевски – Македонија
Македонија: Митревски, Томовски, Манасков, Маџовски 4, Лазаров 11, Серафимов, Костески 1, Георгиевски Г. 1, Пешевски 4, Стоилов 1, Маркоски Н., Маркоски В., Талески 2, Кузмановски 6, Георгиевски Д. 3, Мишевски.
седмерци: 8/11, исклучувања: 6 минути
Финска: Таминен 2, Гранлунд М. 10, Килштет 3, Сирјала, Мартин 1, Клама, Росландер, Синдберг 1, Линдберг 1, Гранлунд Р. 1, Сакинен 1, Колјонен 1, Макела, Сјоблом, Берглунд, Форс 3
седмерци: 1/3, исклучувања, 14 минути