Победничката серија на Еурофарм Пелистер продолжува, утре се бори за пехар во Атина

Ракометарите на Еурофарм Пелистер дојдоа до втора победа на турнирот во Атина, кој е во организација на тимот на АЕК откако денеска беа подобри од Диомидис Аргус со 31:21.

После неизвесни 20 минути во кои Еурофарм Пелистер постојано имаше гол до два предност дојде до израз разликата во квалитетот. Почетните 2:0 лесно се одржуваа, но тешко одеше во создавањето на поголема предност. Требаше време за конечно да се направи решавачкиот чекор и да се тргне во создавање на позитива која ќе биде доволна за убедлив триумф.

Тоа се случи после 20. минута кога ракометарите на Диомидис Аргус не можеа да следат. Паднаа во ритамот и тоа беше искористено нод тимот од Битола за да дојде до висока предност и на одмор да замине со 17:11.

Овие шест гола разлика беа сосема доволни за во продолжение да се одигра мирно и да може полека, но сигурно да се приведе овој натпревар кон крај. Постојано се зголемуваше водството и во ниту еден момент не се дозволи противникот да се доближи.

Со сигурна игра се дојде и до двоцифрена предност која беше зачувана и до крај за конечни 31:21. Оваа победа беше сосема доволна за да се закаже двобој на АЕК за првото место утревечер од 19 часот така што тоа ќе биде конечно вистински тест за Еурофарм Пелистер и пресметка за трофејот на турнирот во Атина.