Пирова победа за ПИК Сегед – Фленсбург закажа двомеч со Барселона!

ПИК Сегед се обиде, но сепак попушти во завршницата против Фленсбург и не успеа да ја надполни негативата од првиот натпревар во кој изгуби со 25:21. Денес на домашен терен победата од 36:35 не им беше доволна.

Гостинскиот тим фуриозно го започна натпреварот и со серија од 0:3 брзо стигна до солидна предност. Во тие први минути Буриќ својот фантастичен настап го најави со две интервенции, а Бомбач ја погоди стативата. Првиот гол за домаќините го постигна Фримел после пет минути игра (1:3).

Предноста стекната на самиот старт, Фленсбург ја одржуваше некаде до пред средината на првиот дел кога ПИК Сегед почна да ја намалува разликата која до тој момент највисоко одеше до „плус 3“. До првото изедначување домаќинот стигна во 17-тата минута кога беше 10:10.

Од тој момент гледавме изедначен дуел во кој се истакнуваа двајцата голмани и Миклер и Буриќ беа фантастични. На три минути пред крајот на полувремето ПИК Сегед стигна и до првото водство на натпреварот (16:15). Тоа прво водство беше и единственото во овие први 30 минути, Фленсбург брзо ја врати минималната предност и на полувреме се замина со 17:18.

Второто полувреме започна со втора предност за ПИК Сегед во овој натпревар. По тој гол следуваа нови неколку интервенции на двата голмани, за Фленсбург да успее да изендачи. Првите десет минути од ова второ полувреме донесоа изедначена игра. Во 42. минута ПИК Сегед за првпат поведе со два гола разлика (26:24).

По тие два гола предност на ПИК следуваа ефикасни пет минути со малку нереализирани напади и двете екипи погодуваа, а домаќинот ја одржуваше таа предност од два гола. (29:27). Преку една контра во 52. минута ПИК поведе и со три гола, но германскиот тим брзо возврати. (33:31).

Иако ПИК Сегед изгледаше добро, сепак стануваше јасно дека домаќините нема да имаат време да ја надополнат негативата од првиот натпревар. На три минути до крајот Фленсбург и го изедначи резултат на 33:33, па противникот на Барселона веќе беше познат.

Најефикасен на натпреварот беше Хампус Ване од редовите на Фленсбург со девет гола, додека на спротивната страна Фримел постигна шест гола. Миклер на голот на ПИК Сегед собра девет одбрани, Буриќ застана на 11.