Петрески: Утре во 19 часот сите ќе знаеме кој е тимот што ќе игра плеј-оф

Пред утрешното последно коло трите екипи кои се борат за последното плеј-оф место во Супер машката лига ќе имаат интересни дуели на кои сите гледаат своја шанса да дојдат до главната група и до опстанок.

Во ГРК Тиквеш после вчерашната победа над Металург, се очекува нов триумф сега над Работнички кој би ги оставил шансите за пласман со оглед на тоа што играњето во плеј-оф зависи и од натпреварот кој се игра во Прилеп.

За она што вчера беше направено во Кавадарци каде што ГРК Тиквеш го совлада тимот на Металург тренерот на кавадарчани смета дека успеале да го искористат играњето на „металурзите“ без странците, но и заморот кај играчите бидејќи тие играа шест натпревари за десет дена.

„Знаевме што не очекува на средбата против Металург и што ќе мораме да направиме на теренот. Нашите шанси беа во тоа што Металург не беше комплетен бидејќи странците си заминаа и се обидовме тие шанси да ги искористиме. Се надевавме, сакавме и се подготвувавме да ги добиеме и успеавме“, изјави за 24 Ракомет, тренерот на ГРК Тиквеш, Томче Петрески.

Тој објасни и каде успеале да го најдат патот до голот на Металург односно во кој дел од играта успеале да се снајдат подобро за да се изборат и за убава предност на крајот.

„Договорено беше да ја разбиравме одбраната на Металург со брза игра, а тука мислам и на играње на брз центар и на брза контра и полуконтра. Имавме промашени доста зицери и доста контранапади. Го разбранивме и голманот на Металург, но успеавме да останеме доследни до крајот и да одиграме брзо. Мислам дека ова беше и причината што овој натпревар резултираше со позитивен резултат“.

Утре сигурно ќе биде доста возбудливо бидејќи ќе мора да се игра во Скопје, а мислите сигурно ќе бидат и во Прилеп каде што во директен дуел за плеј-оф своја пресметка имаат прилепчани и битолчани.

„Ни претстои интересен ден, но ние сме концентрирани на нашиот натпревар и гостувањето кај тимот на Работнички. Ние мораме да го добиеме натпреварот бидејќи така остануваме во шанса. Шанса постои за секоја од екипите кои се во трка за плеј-оф. Ние се подготвуваме исклучиво за нашата средба и договорот е таков дека ќе го одработиме она што ни е наше на теренот во Скопје. Нема да гледаме што ќе се случува на дуелот во Прилеп. Утре во 19 часот сите ќе знаеме кој е тимот што ќе се пласира во плеј-офот“.

Иако пласманот на ГРК Тиквеш зависи и од тоа како ќе одиграат и тимовите на Прилеп и Еурофарм Пелистер 2, сепак, тренерот на кавадарчани верува дека ќе можат да се изборат за плеј-оф и есенва да ја завршат позитивно.

„Се надеваме дека ќе успееме. Веруваме дека ќе можеме до плеј-оф бидејќи очекувам да биде интересно и во Прилеп. И таму Прилеп може да дојде до плеј-оф доколку победи со повеќе од четири разлика, а ние загубиме. Затоа сè е во игра и ќе има возбудувања. Сепак, ние сме насочени кон нашиот натпревар. Сакам да го дадеме максимумот на терен и да ја финишираме оваа полусезона за која трипати правевме подготовки. Секој сака да биде дома за празниците и затоа со нетрпение очекуваме да завршиме“, изјави за 24 Ракомет, тренерот на ГРК Тиквеш, Томче Петрески.

Екипата на ГРК Тиквеш својот натпревар против Работнички го игра утре од 17 часот во салата во СЦ „Јане Сандански“, а потребна е победа за да има надежи за позитивен епилог.