Периќ: Се надевам на многу титули со Еурофарм Пелистер

Битолски Еурофарм Пелистер од денес е побогат за уште еден ракометар. Нов член на клубот е босанскиот интернационалец Јосип Периќ, репрезентативец на својата земја и среден бек со искуство од Бундеслигата.

27-Годишниот Периќ доаѓа во Битола од бундеслигашот Гепинген и потпиша двегодишен договор со македонскиот вицешампион.

„Ги поздравувам сите навивачи и пријатели на Еурофарм Пелистер од Битола. Со задоволство ве информирам дека од денес и јас сум дел од вас. Се надевам дека ќе оствариме многу успеси и заеднички ќе прославиме многу титули. Дотогаш, се гледаме во Битола“, порача Периќ.

Периќ е креативен среден бек, висок 180 сантиментри и зад себе има две сезони во најсилната европска лига. Новото засилување на битолчани потекнува од Извиѓач од Љубушки, во својата кариера го носеше дресот на Босна Сараево, Татабања, играше во Катар и Романија, а Гепинген е последниот клуб пред доаѓањето во Македонија.

Периќ е стандарден репрезентативец на Босна и Херцеговина, запиша 39 настапи и постигна 45 гола. Тој е второ засилување на Еурофарм Пелистер оваа сезона, по Марио Танковски, кој пред неколку дена потпиша договор со клубот од Битола.