Пелистер 20 минути имаше еден гол, но освои бод против Пролет

Ракометарите на Пелистер и Пролет одиграа интересен натпревар во кој се надигруваа 60 минути и на крајот ги поделија бодовите после нерешените 23:23. И двете екипи одработеа добро на периоди, а и двата тима може да жалат што не успеаја да победат на оваа средба.

Домашните катастрофално го отворија овој натпревар и имаа негатива од шест гола. За 20 минути постигнаа само еден гол и губеа со 1:7. Дури после ова успеаја да го кренат нивото и во одбрана и во напад, па со многу подобра игра до крајот на првиот дел се изборија за приклучок односно намалување на негативата на 8:9.

Овој гол негатива најавуваше интересно второ полувреме. Се играше кратко гол за гол на почетокот на вториот дел, а потоа дојде до израз разликата во квалитетот. Гостите одново се одвоија и направија пет гола разлика (11:16).

Во продолжение од средбата битолчани направија чекор напред и почнаа да намалуваат. Сепак, секогаш кога ќе дојдеа до два гола негатива мораа да се помират со фактот дека противникот веднаш одеше на четири разлика и до крајот немаше шанси за да се направи нешто повеќе.

Сепак, на три минути до крајот дојде шанса за минус еден. Пелистер не искористи два удари од седум метри, но затоа неполна минута потоа намали на 21:22. Следуваше гол од Пролет и ново намалување, па во последната минтуа се влезе со 22:23. Пролет имаше избрзан шут од Џонов, а потоа за Пелистер останаа 34 секунди. Домашните добија удар од седум метри на само осум секунди до крајот од натпреварот, а Талевски беше изведувачот, а за разлика од Петровски и Димитровски беше успешен. За Пролет имаше нешто повеќе од пет секунди, а добија удар од девет метри по истекот на времето. Џонов биеше, но голманот Ристевски одбрани, па на крајот бодовите беа поделени.

ПЕЛИСТЕР – ПРОЛЕТ     23:23 (8:9)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Камер Металари од Скопје.

ПЕЛИСТЕР: Ристевски, О. Вардовски, Трајковски 1, Блажевски, Петровски 10, В. Димитровски, Митревски, Мандиќ 1, И. Димитровски 1, Јовановски, Ф. Вардовски, Илиев, Магденовки, Талевски 10, Апостоловски, Буторац.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 14 мин.

ПРОЛЕТ: Кизиќ, Коруновски, Кристо, Василевски 2, Аларов, Поповски 4, Давитковски, Матовски, Манев, Додевски, Андоновски 8, Џонов 6, Мајнов 3, Дамчевски, Блажевски, Стојановски.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 14 мин.