„Па што ако ќе имам 35 години следното лето, очекувам да играм на Олимпијада“

Репрезентативниот голман на Хрватска и член на францускиот Монпелје, Марин Шего го коментираше одлагањето на Олимписките игри за наредната година.

Хрватска имаше фантастично издание на Европското првенство и Шего смета дека на Олимпијадата би направиле голем успех. Иако е одложена тој не се откажува од настап и наредната година.

„Со нетрпение ги очекував Игрите во Токио. Европското првенство покажа дека репрезентацијата на Хрватска има голем потенцијал. Кој знае што би можеле да постигнеме на Олимписките игри да се играа оваа година. Точно, сè уште планирам да бидам таму. Да, ќе имам 35 години, но не се грижам за годините. За голманите, оваа возраст едноставно не е ништо. Немам проблеми со тежината или повреди. Се надевам дека следната година ќе бидам во форма што ќе овозможи да играм за репрезентацијата на Олимпијадата. Јас сум крајно горд на нашето второ место на Европското првенство. Многумина не веруваа во хрватската репрезентација, но покажавме единство, верба во сопствениот квалитет. Имавме одличен микс од млади и искусни играчи. Сигурен сум дека оваа екипа ќе биде уште посилна на Игрите во Токио, рече Марин Шего за hrs.hr.

Тој е дел од репрезентацијата на Хрватска од 2010 година, а пред да премине во Монпелје настапуваше во ПИК Сегед, Келце, Висла Плоцк, Загреб.