Паличка одлучи – ќе брани за Шведска на ЕП следната година

Еден од најдобрите голмани во светот и капитен на репрезентацијата на Шведска, Андреас Паличка по завршувањето на Олимписките игри во Токио не знаеше дали да продолжи само со настапи на клупско ниво.

Сепак, искусниот голман кој од следната сезона ќе настапува во ПСЖ реши да остане во шведската репрезентација. Паличка ќе биде дел од репрезентативниот состав на Шведска за Европското првенство 2022 година кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка.

Швеѓанецот неговата одлука за останување во репрезентацијата ја потврди во изјава за весникот „Афтонбладет“. Селекторот на Шведска, Глен Солберг со задржувањето на Паличка во репрезентатвниот состав, повторно ќе може да се надева на добар резултат на големите натпреварувања. На Европското првенство во 2022 година, Шведска за противници во првата фаза ги има репрезентациите на Шпанија, Чешка и БиХ.

Андреас Паличка за репрезентацијата на Шведска има одиграно 128 официјални натпревари. Тој освои сребрен медал со својата репрезентација на Европското првенство во 2018 година. На Светското првенство во 2021 година, Паличка со неговата репрезентација беа најголемо изненадување во текот на мундијалот, а на крајот завршија на второто место.