Паличка го уништи словенечкиот сон за Олимпијада

Репрезентацијата на Шведска обезбеди место на Олимписките игри, откако во клучниот натпревар за пласман ја надигра Словенија и славеше со 32-25. Швеѓаните уште на стартот покажаа дека нема да препуштат ништо на случајноста и поведоа со 6-2. До крајот на полувремето ја задржаа истата разлика, 17-13.

Во вториот дел Словенците намалија во два наврати на минус три, но набрзина светскиот вицепрвак казни неколку грешки на избраниците на Врањеш и беше 22-16 на петнаесетина минути до крајот.

Погодија Јанц и Цингесар за 22-18, но потоа Паличка одбрани удар на на Словенците, а Готфридсон донесе плус пет, 23-18 на спротивната страна. Џабе Врањеш се трудеше со тајм-аути да ги врати играчи на вистинскиот пат, но тие немаа сили да направат нешто повеќе.

Најдобри стрелци кај Швеѓаните беа Екберг со седум и Готфридсон со пет, голманот Паличка имаше 14 интервенции, а кај Словенија, Маргуч, Бомбач и Јанц стрелаа по пет пати. Од групата во Берлин, на Олимпијада патуваат Германија и Шведска.