Ојлески: Битола е ракометен град, заедно веруваме во успех

Пред македонскиот вицецепрвак претстои возбудлива сезона, во која ќе дебитира во регионалното натпреварување СЕХА и Лигата на шампионите. По долга пауза во Битола се враќа врвен ракомет, а битолчани желно ги одбројуваат деновите до почеток на возбудувањата. Првиот натпревар Еурофарм Работник го играат против Спартак Москва, проивник кој е како создаден за победнички старт на сезоната. Капитенот на Еурофарм Работник, Гоце Ојлески, на прес-конференцијата пред натпреварот потенцираше дека Битола е подготвена да се радува на ракометните успеси на клубот.

„Имавме долги и тешки припреми, но сега дојде време за официјални натпревари. За нас како клуб, но и за битолчани, мислам дека заслужуваме да бидеме дел од европската и регионалната елита. Битола е ракометен град и ја сака оваа игра. За дуелот со Спартак мислам дека добро се подготвивме и сите веруваме во успех. Сакам да ги поканам сите битолчани и сите вљубеници на ракометот да ни ја дадат поддршката и заедно да славиме многу победи“, рече Гоце Ојлески.

Првиот натпревар Еурофарм Работник го игра во среда со почеток во 20:45 во салата Боро Чурлевски против Спартак Москва.