Охрид фаќа залет кон Европа, Тиквеш на колена во трилер меч!

Екипата на Охрид во неизвесен натпревар славеше важна победа над директиот ривал за 4. позиција, тимот на Тиквеш, со резултат 22:21.

Сега Охрид ја презеде 4. позиција на табелата во суперлигашкиот плеј-оф, на свое конто има 12 бодови, Тиквеш останува на 11. Во игра за Европа се наоѓа и Бутел, кој во однос на Охрид заостанува со два бода.

Токму во следното коло Тиквеш ќе игра со незгодниот тим на Бутел. Охрид за следен ривал го има третопласираниот Алкалоид.

Охриѓани со погодоците на десното крило Гал Цирар поведоа во воведните пет минути со 2:0, но гостите од Кавадарци бргу изедначија на 2:2. Од тој момент на теренот имаше голема борба и секој напад беше важен. До крајот на полувремето се играше гол за гол, двете екипи се менуваа во водство и резултатот најчесто беше нерешен. Ниту по 20 минути игра немаше промена, па така на семафорот стоеше 8:8.

Голманите Брауновиќ и Миленковиќ имаа одредени блесоци меѓу стативите и беа главните виновници за големата неизвесност. Во желбата да дојдат до ,,плус два” ракометарите на двата табора се почесто правеа грешки и не реализираа од чисти позиции. Тиквеш во финишот од првиот дел успеа да биде повеќе фокусиран заминувајќи на пауза со минимална предност од 13:12.

Гостите на почетокот во продолжението на двапати не успеаја да стигнат до два гола разлика. Откако Тиквеш не направи исчекор, следуваа два гола во низа на домаќините, кои го презедоа водството во свои раце, дојдоа до 14:13. На голот на Охрид, Миленковиќ продолжи со одличната партија, по што неговите соиграчи зголемија на 16:14. Кавадарчани искористија дел од грешките на ривалот и во 40-та минута се вратија во игра израмнувајќи на 17:17.

Во 45-та минута беше 19:19, пет минути подоцна, односно во 50-та немаше резултатска промена, стоеше истиот резултат. Финишот донесе драма покрај езерото, бидејќи на пет минути пред крајот беше 21:21. Тимот на Андоноски на крилата на голманот Миленковиќ во 56-та минута дојде до 22:21 и промаши во неколку напади за два гола разлика. На триесетина секунди пред крајот гостите не се снајдоа најдобро во нападот, а тоа значеше голема радост за домаќините.

Најефикасен во Охрид беше Гал Цирар со шест погодоци, по три запишаа Дејан Шешиќ и Владимир Бојаниќ. Во тимот на Тиквеш по шест реализации имаа Страхиња Симиќ и Арнад Хамзиќ.