Охрид е подготвен за Суперкупот: Ристески – да бидеме сведоци на ракометен спектакл!

Охрид во организација со Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ќе биде домаќин на годинешното издание на машкиот ракометен Суперкуп меѓу екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер.

Натпреварот е закажан за в недела, 11 септември, во спортската сала „Билјанини Извори“, а од Охрид најавуваат ракометен спектакл за сите љубители на ракометот, но и поголема безбедност заради присуството на навивачките групи од двата табора.

“Овие денови имаме состаноци со сите засегнати страни, полицијата, РФМ. Ќе има засилено обезбедување, бидејќи најавено е присуство на двете навивачки групи, и Комити и Чкембари. Вратите на спортската сала, заради безбедност, ќе бидат затворени во 19:30 часот. Очекуваме се да помине во најдобар ред, а гледачите да бидат сведоци на еден ракометен спектакл. Чест и големо задоволство за нас е тоа што сме домаќини на овој голем настан”, изјави спортскиот директор на ГРК Охрид, Славчо Ристески.

Бранител на трофејот во Супекупот е Еурофарм Пелистер, кој лани славеше против „црвено-црните“ со 31-22. Натпреварот помеѓу  Вардар и Еурофарм Пелистер започнува во 20:00 часот.