Охрид добива огромно засилување – со екипата тренира Стефан Додиќ

Охридскиот ракометен суперлигаш за новата сезона треба да добие големо засилување во Србинот Стефан Додиќ, кој веќе тренира во салата „Билјанини Извори“. Се очекува до утре да бидат решени и формалностите околу трансферот и следната сезона да игра за Охрид.

Младинскиот репрезентативец на Србија имаше и деби за сениорската репрезентација на северниот сосед. Важи за голем ракометен талент за кого уште пред неколку сезони интерес пројавија повеќе европски клубови. Лани имаше променливи игри, пред се поради проблемите со вирусот и честите откажувања на натпревари, но токму лани дебитираше и за сениорската репрезентација на Србија.

За заминувањето на Додиќ од Металург се зборува уште од почетокот на годинава. Тогаш првично беше актуелен трансфер во Вардар, а потоа се појави и вест дека младиот бек потпишал за Кјелце и дека може да замине и за Целје.
Тој не се појави на подготовките на Металург на крајот на јули, а од клубот тогаш потврдија дека Додиќ, заедно со Тодески и Калуѓеровиќ поднеле барање за раскин на договорите.

Охрид минатата сезона ја заврши на 6. место во Супер лигата во конкуренција на 8 екипи. Сега со ангажирањето на Додиќ амбициите повторно се да се биде во самиот врв и да се обезбеди место во Купот на ЕХФ.

Досега за Охрид потпишаа Алекса Милошевиќ десен бек од Звезда, Филип Грубор пикер од Спачва, Мице Шилегов од Металург. Управата преговара и со пораненешен репрезентативец на Македонија кој може исто така да направи трансфер во Охрид.