Охрид го комплетира ростерот – Андоновски ќе има на располагање 18 ракометари (ФОТО)

Екипата на Охрид го комплетираше составот за следната сезона за настап во машката Супер лига. Тимот кој и сезонава играше во плеј-оф фазата, но остана на последното место, сега има поголеми амбиции за новата сезона, во која ќе атакува на излез на европска сцена.

Раководството на клубот за новата сезона ангажираше неколку домашни и странски засилувања. Во новата сезона боите на клубот ќе ги бранат новите засилувања Владо Кастратовиќ, Тоше Ончев, Виктор Василевски, Хазеин Рустамов, Даниел Андоновски, Стефан Бошкоски, Зураб Цинцадзе, Владимир Бојаниќ, Никола Грубиќ и Балша Чејовиќ.

Од минатата сезона останаа капитенот Крсте Андоновски, Иван Тасески, Наум Костов, Халил Озтурк и Кристијан Димитриески. Покрај промените во играчкиот кадар, беше ангажиран и нов тренер, повратникот Горан Андоновски, кој во својот ростер ќе има на располагање 18 ракометари, меѓу нив и тројцата таленти од младинскиот погон – Никола Шипинкоски, Никола Ристески и Владимир Наумоски.

Во новата сезона Охрид ќе игра во групата А заедно со екипите на Вардар, Бутел, Струга, Прилеп, Алкалоид, Куманово и Вардар Неготино. Првите четири екипи од регуларниот дел на сезоната ќе разигруваат за титулата, а другите ќе се борат опстанок.