Охрид во вториот дел го реши Пролет и стигна до третото место на турнирот „Крсте Андоновски – Усташ“

Тимот на Охрид го освои третото место на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“, откако славеше против Пролет со 27-23 со пресврт во второто полувреме. Скопскиот тим водеше со четири гола во првиот дел, на паузата имаше и плус два, 15-13, но попушти во второто полувреме и даде само осум гола.

Пролет отвори одлично. Поведе уште по пет минути игра со 4-1, а во продолжение имаше и највисоки плус четири разлика, 7-3. Андоновски повика тајм-аут, па неговите избраници заиграа посериозно и намалија на 7-6. Добро функционираше нападот на охриѓани во следниот период. Ончев асистираше до Бојаниќ на линијата неколку пати, овој реализираше, па Охрид комплетно се врати во мечот и израмни на 9-9.

Во продолжение се играше гол за гол, свои моменти имаа и голманите Василевски и Михајлевиќ, но Пролет беше тимот што на пауза ја имаше предноста. Аларов и Јагуриновски погодија за 15-13 по првиот дел.

На стартот на второто полувреме Охрид веднаш израмни на 15-15 со двата гола на Бојаниќ. До 45. минута се играше гол за гол, пред домашниот тим да поведе за првпат во мечот со два гола, 22-20, преку Озтурк.

Пролет не реализираше пенал, а потоа Петковски му запре шут на Ончев. Беше 23-21, а при тој резултат Цинцадзе запре два удари на Јагуриновски и Тотиќ. Казната стигна преку Озтурк и Охрид првпат во мечот водеше и со три гола, 24-21 на пет минути до крајот.

До крајот веќе немаше дилеми кој тим ќе победи, па на крајот Охрид се радуваше на триумф и трето место.