ОФИЦИЈАЛНО: Томислав Кушан е нов пивот на Еурофарм Пелистер!

Тимот на Еурофарм Пелистер ја пополни празнината на пикерската позиција по заминувањето на украинскиот репрезентативец Олександр Шевелев. Како што прв најави 24Ракомет пред еден месец, во Битола дојде Хрватот Томислав Кушан, кој три сезони ги бранеше боите на Ла Риоха.

Кушан е поранешен кадетски и младински репрезентативец на „коцкестите“, но неговата сениорска кариера не се развиваше според очекувањата. Хрватот има 26 години, висок е 200 цм, тежок 110 кг, а може да игра во двата правци.

Во последните три години додека е член на Ла Риоха, со шпанскиот тим играше во ЕХФ Купот. Сезонава најдобар натпревар одигра против бундеслигашот Фуксе Берлин, кога даде шест погодоци. Во Хрватска има настапувано за Пореч и Медвешчак.

По Танкоски, Кукуловски, Мандалиниќ, Мараш и Периќ, Кушан е шестото засилување за Еурофарм Пелистер пред битките претстојната сезона во Лигата на Европа и СЕХА лигата.