ОФИЦИЈАЛНО: Загреб го претстави Шола, тој вети дека ќе тежнее кон победи

Најавите од пред неколку часа дека Владо Шола ќе биде новиот тренер на екипата на ППД Загреб после спогодбената разделба со Игор Вори.

Од клубот организираа и прес-конференција, па Владо Шола веќе е претставен како нов стратег на шампионот на Хрватска.

За причините поради кои дојде до разделба и немаше многу објаснувања, но само беше потврдено дека резултатите се најголемата причина поради која мораше да биде назначен нов стратег.

„Пред почетокот на сезоната му кажавме на тренерот за амбициите. Сакавме финале во СЕХА лигата и место меѓу најдобрите шест во Лигата на шампионите. Не го направивме ова. Во СЕХА загубивме и за 3. место. Покрај тоа загубивме и три средби во лигата на шампионите. Во последните три дена водевме интензивни разговори и денеска се утврди дека е најдобро да се разделиме и да назначиме нов тренер. До крајот на 2020 година играме двапати против Целје и двапати против Мотор Запорожје. Сакаме на тие четири дуели да надоместиме. Што се однесува до Владо Шола за него не треба да се трошат зборови. Добро е познато каков играч беше, а тој е долго во составот на Загреб. Доколку не беше тренер на Пекинг Универзитет, но и доколку порано се знаеше дека нема да дојде тимот од Кина многу порано ќе беше назначен за тренер. Затоа сега сметаме дека е најбезболно него да го назначиме за нов стратег. Се работи за исто така за голема легенда како и поранешниот тренер“, изјави директорот на клубот, Ведран Шупуковиќ.

Новиот тренер на ППД Загреб, Владо Шола имаше кратко излагање и коментар за она што може да се очекува во следниот период од него.

„Не е згодно да се најдеш во ситуација кога немаш многу време за запознавање на екипата. Сепак, чест е да се биде тренер на Загреб. Овој тим не се одбива, барем не од моја страна. Чувствував некоја среќа кога размислував за тренерска позиција на Загреб. Тогаш на ум ми дојде една мисла од една писателка ‘Среќата е убава само додека се очекува’. Сега ќе мораме сите заедно да изнесеме еден товар. Ќе дадам сè од себе. Тргнуваме со работа. Запознавањето ќе трае пет минути и продолжуваме. Знам дека Вори работеше добро и му благодарам за тоа. Сепак, спортот е таков. Некогаш работите не одат како што посакуваш, а некогаш немаш ниту среќа. Ќе се обидам да ја надоградам играта колку можам и ќе тежнеам кон победи. Ќе се занимаваме со противниците, но најважно е прво да се занимаваме со своите проблеми и се надевам дека резултатот ќе дојде“, коментираше новиот тренер на ППД Загреб, Владо Шола.

Дебито за Шола на клупата на Загреб ќе биде на гостувањето кај Барселона, а првата средба на домашен терен ќе ја има против Целје една недела подоцна.