Одложени финалните натпревари од Европскиот куп

Првиот финален натпревар од Европскиот куп помеѓу АЕК и Иштад, кој требаше да се игра во Атина на 15 мај е одложен. Причината за откажувањето се позитивните случаи на ковид-19 во шведскиот претставник.

Иштад ја информираше ЕХФ дека нема да патува во Атина по консултациите со медицинскиот персонал на клубот и шведскиот орган за контрола на инфекции. Моментално, во клубот има позитивни случаи на ковид-19, но не е потврдена точната бројка.

ЕХФ и челниците на двата клубови се во контакт и активно соработуваат за ново решение, односно наоѓање на нов датум помеѓу нивните екипи.

Вториот натпревар во Иштад што требаше да се игра на 22 мај, исто така е одложен, а ЕХФ наскоро ќе ги потврди новите датуми на играње на двата меча.