Остроушко откри зошто не остана во Еурофарм Пелистер!

Битолчани прават европски тим за наредната сезона, сериозни имиња ќе пристигнат во Битола во јули, но во новиот европски проект на Еурофарм Пелистер не се пронашол и украинскиот интернационлнец Владислав Остроушко.

Управата на клубот посветено го гради новиот ростер и европскиот пат на Еурофарм Пелистер, но една од потенцијалните пречки може да биде спортската сала „Боро Чурлевски“ која не ги исполнува стандардите за одигрување на врвни натпревари…

Остроушко, иако имаше понуда да го продолжи престојот во Еурофарм Пелистер, сепак тој реши да си замине од Битола. За рускиот „Брз Центар“ левиот бек откри кои се причините што не го прифатил понудениот договор од страна на раководството на битолчани.

„Веднаш по завршувањето на ЕП, почнавме да разговараме со раководството за нов договор. Јас веднаш го информирав претседателот дека не се гледам во екипата следната сезона. За клубот можам да кажам само добри работи, но она што му фали на Еурофарм Пелистер дефинитивно е сала за тренинг и за играње натпревари. Таа во Битола е многу стара, без греење, па во зима тренинзите се самоубиство. Некогаш трениравме дури и со капи на главите, некогаш беше исклучена топлата вода во соблекувалните, па моравме испотени да одиме дома за да се истушираме, а надвор беше многу ладно“, вели Остроушко.

Левиот бек исто така откри дека не се снаоѓал најдобро во тактиките и начинот на игра што го преферира Жељко Бабиќ.

„Потоа дојде тренерот Бабиќ, кој исто така побара да останам, но јас веќе сум возрасен, опасно е да работам во такви услови. Со него имавме одличен однос, но тактичките замисли на Жељко се различни од мојата визија за ракометот. Тој не е приврзаник на теоријата дека играч треба да мине 60 минути на теренот. Ќе се случеше да минат седум минути, јас да влезам, да дадам неколку гола и тој да ме повлече од игра. Ќе го прашам што се случува, тој ми одговара дека треба сите да играат и сите да бидат свежи во текот на целиот меч. Тоа се само различни мислења, ние ниту еднаш не се расправавме. Бевме со него како пријатели. Многу пати ми зборуваше дека пријатно му е да зборува на руски јазик. Со Еурофарм Пелистер разделбата беше џентлменска и пријателска“, истакна украинскиот интернационалец.

Неговата замена во битолскиот тим дојде од Бундес лигата, а тоа е хрватскиот бек Стипе Мандалиниќ.