Организациски хаос во Оран: Ракометарите ги „селеле“ два пати, промени на распоред во последен миг…

На стартот на Медитеранските игри во алжирскиот град Оран, домаќинот покажа дека не е уште подготвен за ваков голем настан. 3390 од 26 земји, меѓу кои и Македонија, пристигнаа во Алжир и ќе ги започнат борбите на спортските терени.

Ракометните репрезентации пристигнаа со македонската делегација на 22 јуни рано наутро, но веднаш се соочија со проблеми.

Машката селекција на два пати мораше да менува сместување, ниту хигиената не е на највисоко ниво, а во текот на вчерашниот ден имаа проблеми со терминот за тренинг. Дополнително, имаше промена во распоредот на натпреварите, па наместо на 28 јуни според првичниот план, момците ќе играат на 27 јуни.

Прв ривал на избраниците на Кире Лазаров е селекцијата на јужниот сосед, додека дамите ќе стартуваат на 30 јуни против Турција, ако нема некоја нова промена. Тие вчера одиграа еден пријателски натпревар против Тунис и загубија со 31-20.