Ончев: Дојдов во Охрид поради добриот проект, имаме одлични услови

Тимот на Охрид се наоѓа во последната фаза од подготвителниот период за новата натпреварувачка сезона. Охрид од сите суперлигашки клубови во Македонија претрпе најмногу промени и за новата сезона беа ангажирани голем број на нови играчи.

Еден од нив е левиот бек Тоше Ончев, кој по една сезона во словенечкиот Тримо Требње се враќа во Македонија и за првпат ќе го носи дресот на Охрид. Причината за неговиот камбек во својата татковина биле одличните услови во Охрид, како и добриот проект на раководството, кој има за цел да обезбеди пласман меѓу најдобрите екипи во македонската елита.

„Одличниот проект во Охрид беше причина за да потпишам тригодишен договор. Кога пристигнав во Охрид се уверив дека условите се одлични и истите услови од Охрид можам да ги споредам со условите во Словенија, односно со неколку словенечки клубови, како што се Целје, Тримо Требње… Тренираме напорно во подготвителниот период и се надеваме дека ќе имаме одлична сезона”, изјави Ончев за 24Ракомет.

Ончев очекува добар настап на првото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“, кој ќе започне денес, како и солиден пласман во домашниот шампионат.

„Со оглед на тоа дека сме нова екипа, само неколку играчи останаа од ланскиот состав, овие натпревари на турнирот ќе ни бидат добредојдени за воигрување на екипата. Очекуваме победа на првиот натпревар против Тиквеш и секако и во финалето, но одиме чекор по чекор. Првиот официјален натпревар на Охрид за новата сезона во Суперлигата е со Бутел на гостински терен, ние се подготвуваме за овој натпревар, а моите очекувања се пласман во плеј-оф фазата и излез на европска сцена”, заврши Ончев за 24Ракомет.

Охрид во полуфиналето на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“ ќе игра против Тиквеш, а во зависност од резултатите на двете средби ќе игра против Партизан или Пролет во битката за третото место или во финалето.