„Од стартот на мечот се виде дека ќе има ’нешто специјално’, Данска беше надиграна во сите сегменти!“

Машката репрезентација на Македонија вчера оствари резултат кој со златни букви ќе биде испишан во историјата на нашиот ракомет.

Иако победата над светскиот првак ни донесе само место на континенталниот собир, сепак не може и не смее да и се намали важноста и вредноста.

Данските медиуми не се премногу разочарани од настапот на нивните репрезентативци, но сепак забележаа дека како ретко досега Данска била совладана и во играта и во енергијата на теренот.

Аналитичарот на ТВ2, Бент Нигард, во анализата по мечот Македонија-Данска, напиша дека уште од стартот се чувствувало дека ќе има „нешто специјално“.

„Ретко се случува Данска да биде совладана и во игра и во енергија. Тоа се случи во на дуелот против Македонија во Скопје. Веќе на националните химни можеше да се забележи во очите кај македонските играчи посебна желба да се пее заедно, што беше најава дека тоа е посебен натпревар за нив. Можевме да видиме уште на самиот почеток на натпреварот дека „нешто специјално“ се случува. Тоа беше битка во која Данска ретко водеше, ниту беше во игра за победа. Тоа беше официјален натпревар каде Данска по 45 минути губеше со 25-17. Ова не беше најдобриот дански настап, но за тоа заслуга има и преродената репрезентација на Македонија, по очајното издание на Мундијалот во Египет. Лазаров и Миркуловски беа фантастични, перфектно си ја завршија задачата и пикерите Стоилов и Пешевски. Македонските ракометари речиси и да не погрешија. Покажаа исклучително голема трпеливост, имаа многу мала бројка на грешки и не повеќе од три или четири технички грешки. Тие го спречија данскиот контранапад. Митревски на голот исто така имаше улога во оваа голема победа. Данска не искористи многу шанси, постигна 29 гола и испушти најмалку осум  зицери. Данска беше надиграна во сите сегменти на играта!“, напиша Нигард во анализата.

Шанса за поправен светскиот првак ќе има на свој терен, во Алборг, каде в недела од 16:00 часот ќе гостува Македонија.