Од Металург се пофалија: Речиси 80 отсто од долговите се вратени

Последниве години Металург се обидува да работи на два фронта, да остане во самиот ракометен врв во Македонија и Европа, и истовремено да ги расчисти долгувањата што го има кон поранешните ракометари. Официјално нема податок колкави се долговите на клубот, и дали се работи само за долгови за кои е почната правна разврска или или и нови допрва ќе стигнат. Токму поради финансиите и сезонава си заминаа неколкумина играчи и дел од стручниот штаб, па дури и физиотерапевтот.

Но, според изјавата на претседателката Зорица Блажевска во интервју за ТВ Сонце и спортската емисија „Полн погодок“ клубот веројатно брзо ќе влезе во „зелена зона“.

„Од 100 отсто долгови колку што наследив јас кога дојдов на оваа позиција досега се вратени речис 80 отсто од нив. Во наредните 1-2 месеци ќе се вратат и другите долгувања, вели Блажевска.

Се очекува реализацијата на дел од спортскиот ваучер што го добија клубовите. Една третина од секој ваучер на клубовите ќе биде реализиран од државата, и многу клубови го искористија тоа право па ги чекаат трансферите. Некои прво треба да ја ослободат сметката, да не биде блокирана.

Клубот од Автокоманда сезонава го доби третит тренер, Иван Марковски кој по еден пораз и реми во плејофот успеа да победи, против Еурофарм Пелистер 2. Во следното коло гостува во Охрид.

Скопскиот тим веројатно нема да може да се замеша во борбата за титулата, но плановите им се да бидат во игра за место во Лига Европа, односно да бидат во првите четири. Сезонава тимот играше во групната фаза од ЛЕ, каде не успеа да се пласира во следната фаза, но секако исполни дел од планот.

Според Блажевска планот на клубот бил да игра во групната фаза, а резултатите биле во втор план. Поважни било младите играчи да добијат шанса да играат силни натпревари.