Од Вардар признаа: Одбраната не беше на ниво, Нексе го искористи тоа

Вардар загуби со 36-32 од хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице во четвртиот натпревар оваа сезона во регионалната СЕХА лига.

Асистенот на Стевче Алушовски на „црвено-црната“ клупа, Владо Недановски, на пресот по мечот призна дека одбраната не беше на посакуваното ниво.

„Честитки за Нексе за триумфот. Ние го отворивме натпреварот лошо, но успеавме да се вратиме. Одбраната не беше добра, а тоа Нексе знаеше како да го искористи и да оствари победа против нас“, изјави Недановски.

Десниот бек Томислав Јагуриновски го има истиот став на Недановски.

„Го отворивме мечот лошо, а одбраната не ни беше на нивото што требаше да биде во клучните моменти. Исто така не реализиравме некои зицери, па му дозволивме на противникот да го освои целиот плен“, изјави Јагуриновски.

Следен предизвик за Вардар ќе биде дуелот со украинскиот првак Мотор Запорожје в петок од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“.