Од билтенот на РФМ: Суспензии за тројца ракометари, еден ќе биде шест месеци надвор од терен!

Натпреварувачката Комисија на РФМ изминативе денови имаше полни раце работа, откако беа изречени три казни по натпреварите од второто коло во машката кадетска лига.

Суспензии добија тројца ракометари, а еден од нив ќе биде надвор од ракометните терени дури шест месеци!

По натпреварот од групата Б меѓу Асови Кичево и Охрид, кој го добија гостите со 38-18, суспензија од три меча, доби членот на домашните, Божидар Костески, поради неспортско однесување кон официјалните лица.

По натпреварот од групата А меѓу Голден Арт 2 и Рисови, кој минимално го добија домашните ракометари со 26-25, имаше казни за двајца ракометари.

Членот на Голден Арт 2, Виктор Наков, доби суспензија од четири натпревари поради груб прекршок, додека членот на Рисови, Наум Антевски, ќе биде надвор од терените шест месеци поради обидот за физички напад на еден од противничките ракометари.