Од билтените на РФМ: Казна за Тиквеш, суспендиран играч на Радовиш, младинките на Куманово исклучени…

Дисциплинската комисија на Ракометната федерација во последните неколку недели имаше многу работа.

Покрај одлуките за инцидентот на дербито меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер, има уште неколку одлуки во сите конкуренции.

Тимот на Тиквеш е казнет со парична казна од 30.000 денари, поради прекинот на мечот со Еурофарм Пелистер од 8 коло, кога дел од публиката фрлаше предмети на теренот.

Играчот на кадетската екипа на Радовиш, Стивен Ангеловски ќе мора да паузира шест месеци од ракометните терени и е казнет по членот 110 од Дисциплинскиот правилник.

„Играч, или друг член на екипата, кој пред, за време и по натпреварот физички ќе нападне играч од спротивната екипа, ќе се казни со забрана за настап од 6 месеци до 2 години. За обидот на дисциплинскиот престап од став 1и став 2 на овој член, ќе биде изречена казна“

Женската младинска екипа на Куманово е исклучена од лигата, односно од групата Б, каде ќе продолжат да играат само три екипи, или вкупно осум во лигата. Поради недоволниот фонд на ракометарки, Куманово ги загуби службено со 10-0 трите дуели со Ѓорче Петров, Металург и Делчево Вардар, па на крајот беше исфрлен од лигата, која сега ќе се доигра според друг систем.