Овче Поле СУ ја одработува втората фаза од подготовките, амбициите се место на средината на табелата

Тимот на Овче Поле Славјански Универзитет веќе ја одработува втората фаза од подготовките за новата сезона.

Ракометарките предводени од тренерот Илија Бетувски тренираат во Дојран и во последната седмица од август треба да одиграат и неколку пријателски натпревари.

Досега тимот е засилен со повратничката од Пелистер, Јована Ристова, а траат преговори и со две искусни ракометарки.

„Екипата е составена исклучиво од младинки и кадетки. Од ланскиот состав останаа сите ракометарки, а на екипата се приклучи голманката Јована Ристова која се врати повторно во нашите редови од екипата на Пелистер. Со подготовките започнавме на 4 август во Свети Николе каде се сработи првиот дел од планираниот тренажен процес. Од 17 август сме во Дојран каде ќе продолжиме со вториот дел од активностите по што се враќаме во Свети Николе и таму ќе се гради техничко-тактичкиот дел од тренинзите, а ќе договориме и неколку тренинг натпревари. Со оглед на тоа дека се работи за млади ракометарки, амбициите ни се да се пласираме во средниот дел на табелата, со голема можност да се направи и нешто повеќе од тоа, доколку се случи да на екипата се приклучат и две искусни ракометарки со кои сме во преговори. Во екипата се приллучија и неколку ракометарки од пионерскиот состав кои се супер талентирани“, вели тренерот Бетувски за 24Ракомет.

Женската лига оваа сезона ќе има 13 екипи, а есенскиот дел започнува на 19/20 септември. Овче Поле СУ во првото коло ќе се сретне со тимот на Шампион во Свети Николе.