Овче Поле во Претор ќе ја одработи првата фаза од подготовките за новата сезона

Амбициозниот тим на Овче Поле Славјански Универзитет од Свети Николе подготовките за новата натпреварувачка сезона ќе ги започне на 3 август. По првите тренинзи, екипата на 6 август ќе замине во Претор, каде ќе ја одработи првата фаза од подготовките, додека во последната фаза клубот ќе организира неколку пријателски натпревари, со цел проверување на силите пред стартот на Женската лига.

Овче Поле Славјански Универзитет во однос на минатата сезона, во новата ќе влезе со поголеми амбиции, а целта на клубот ќе биде пласман во плеј-оф групата и борба за обезбедување место меѓу првите шест екипа. За остварување на таа цел, раководството на клубот од Свети Николе ангажираше неколку засилувања.

Составот на Илија Бетувски ќе биде посилен со Ангела Костовиќ и Марија Галевска, кои пристигнаа од редовите на Вардар, Ивана Станчева од Шампион и Јована Ангеловска од Кузман Вардар. Од минатата сезона остануваат сите ракометарки во тимот. Освен четирите засилувања, од младинската школа на клубот во сениорскиот тим се прекомандувани две ракометарки, Марија Павлова и Светле Стоилова.

Ракометарките на Овче Поле Славјански Универзитет во новата сезона ќе играат во група Б заедно со Ѓорче Петров, Металург, Стружанка, Деспина, Астибо, Феникс и Кузман Вардар. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека останатите ќе се преселат во плеј-аут групата. Во првото коло, кое ќе стартува на 10/11 септември, избраничките на Бетувски ќе гостуваат во Автокоманда кај Металург.